Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг одбра седумгодишнината од бракот со Присила Чан да ја прослави во Атина и со селфи фотографија од Акропол, да ги извести корисниците на социјалната мрежа.
– Прославувајќи седум години среќен брак во храмот за божицата на мудроста, напиша Закерберг на Фејсбук, објавувајќи го селфито од Партенон со неговата сопруга.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, ненадејната посета на Закерберг на грчката престолнина ги преплави медиумите во Грција, а она што предизвика коментари и шеги, како на социјалните мрежи така и во дел од грчките портали е тоа што иако Закерберг е чекиран на Акропол, локацијата е Перистери, односно населба во западниот дел на Атина, што е на најмалку осум километри оддалеченост од Акропол.