Во Куманово вечер ќе почне вториот музички Револушн фестивал (Revolution Festival). Десетина алтернативни, хип-хоп, рок-бендови и диџеи од Македонија и од соседството ќе настапат на тридневниот фестивал, кој наместо на Спомен-костурницата, годинава ќе се одржи во „Касапски круг“ во Куманово. Организатор е „Sound Republic“, кој најави одлична музичка програма.
– Фестивалот веќе прераснува во традиција. Се надеваме дека ќе стане препознатлив по понудата на интересни имиња за македонската публика, изјави Никола Симоновски, еден од организаторите.
Фестивалот овозможува промоција на бендови од Куманово и од цела Македонија. Оваа година на првата фестивалска вечер ќе настапи локалната рап-група „Герила“, тетовскиот реге-даб состав „Conquering Lion“, а за затворањето на првата вечер задолжен е македонскиот диџеј Никифор.
На втората вечер ќе настапи локалниот бенд „SIZ“, по што ќе следува настап на српската рап-група „Prti Bee Gee“, а ќе ја затвори диџеј Арго. Третата вечер е резервирана за младите кумановци „TV Rage“, а по нив е настапот на српскиот музички состав, „ZAA“. Фестивалот ќе го затвори групата Суперхикс.