Конзумирањето на алкохол во Чешка станува проблем кај децата од 11 до 15 години. Дури 83 проценти од оваа популација веќе пробале алкохол, од нив 65 проценти биле единаесетгодишни деца.
Ова го покажува истражувањето на Форумот „Пијте со разум“ кој деновиве за родителите и децата отворија повеќе информативни интернет-страници, на кои предупредуваат на опасноста од прекумерно пиење алкохол, јави дописникот на МИА од Прага.
– Како основен проблем во превенцијата се смета отсуството на разговорите со децата во семејството и училиштето. Една третина од родителите, се уште сметаат дека идеална возраст за разговори со нивните деца за алкохолот е меѓу 15 и 18-годишна возраст, што најчесто е предоцна, бидејќи децата веќе пробале алкохол порано, изјави заменик-претседателот на Унијата на производители и увозници на алкохолни пијалоци, Владимир Даребник.
Од анкетите во изминатите години, произлегува дека најголемиот пример во однесувањето, а со тоа и пиењето алкохол, за децата се нивните родители. Според истражувањето, речиси една третина од учениците од 11 до 15 години, со родителите не разговарале за пиење алкохол, а притоа исто толкав број на деца признале дека некогаш претерале со пиење алкохол.
Учениците, кои со своите родители разговарале за алкохолот, според експертите, се однесуваат поразумно и свесни се за здравствените ризици од прекумерното пиење.
– Наздравувањето со чаши алкохол, стана симбол за успех и моќ. Возрасните, притоа на семејни прослави замижуваат и им дозволуваат на децата, исто така да пијат, вели Јосеф Шедиви од здружение за лечење на зависници од алкохол и нелегални дроги.
Шедиви, предупреди дека родителите не се свесни дека кога децата сметаат дека на прославите пиењето е задолжително, тешко после можат да одбијат да пијат алкохол.