Полицајци во Тампа на Флорида „уапсија“ алигатор долг 2,7 метри кој бил пријавен дека се движел по улица недалеку од градскиот стадион.
Акцијата, која ја следеле повеќе граѓани, ја извеле шест полицајци, а алигаторот неколкупати замавнал со опашката кога му се приближил првиот, боцкајќи го со испружена палка, пренесува АП.
Потоа неколку полицајци употребиле јамка за да го спречат алигаторот да ја отвори устата, која подоцна дополнително ја прицврстиле со селотејп.
Двајца службеници го држеле алигаторот на земја со нивните тела за да му ги врзат нозете и на тој начин безбедно да го транспортираат од местото на настанот, пред стадионот Рејмонд Џејмс, кој е дом на Тампа Беј Баканиерс, американски фудбалски тим од НФЛ лига.
Фил Волтерс, ловец на алигатори под договор со Комисијата за заштита на рибите и дивиот свет на Флорида, кој беше повикан да им помогне на полицајците, рече дека е импресиониран од работата што ја направиле пред да пристигне.
„Тие завршија одлична работа. Тие го направија тоа за мене“, изјави Волтерс за локалната телевизиска станица Тампа WFLA, пренесува АП.