Видеото на Дуа Липа како во 4:30 часот наутро јаде плескавица во Приштина стана вистински хит на социјалните мрежи. По ноќното излегување, светски познатата пејачка решила да се почести со еден од омилените балкански специјалитети, а друштво ѝ правела нејзината сестра Рина.
Додека ужива во плескавицата, Дуа низ смеа изјави: „Кој го шиша тостот со авокадо.“ Во еден момент Рина ѝ зема залак, по што двете го покажуваат екранот од телефонот на кој се гледа дека е 4:30 часот.
„Време е за појадок… на балкански начин“, се пошегува пејачката.
Видеото привлече многу поголемо внимание од снимките што Дуа ги објавуваше од настапите на музичките ѕвезди, меѓу кои и Кети Пери. Во коментарите многумина напишаа дека нејзиниот избор на оброк по ноќно излегување е нешто со што може да се поистовети речиси секој на Балканот.
Дуа Липа престојува во Косово по повод фестивалот Sunny Hill, кој го организира заедно со својот татко преку хуманитарната фондација Sunny Hill Foundation. Средствата собрани од фестивалот се наменети за добротворни организации, културни проекти и програми за поддршка на младите во Косово.
