Група австралиски научници направиле систем на вештачка интелигенција кој може да предвиди дали брзо ќе умреме, за што им е потребна само слика на вашите органи.
Научниците од Универзитетот во Аделаида, ја искористиле вештачката интелигенција за да ги анализираат медицинските снимки на градниот кош кај 48 пациенти. Системот во дури 69 отсто случаи точно предвидел смрт кај пациенти во следните пет години.
Иако се работело за мал број на пациенти вклучени во истражувањето, научниците се убедени дека компјутерите, во иднина (со помош на вештачката интелигенција) би можеле да вршат дијагностичка работа за која инаку е потребно долгогодишно усовршување на лекарите.
Моментално достапни аналитички системи може да препознаат и дијагностицираат болести, но не и да дадат проценка за „рокот на траењето” на пациентот.
„Наместо да се фокусираат на дијагностицирање на болести, автоматизираниот систем може да го предвиди крајниот резултат на начин на кој тоа лекарите не го можат – користејќи големи количини на податоци и откривајќи прикриени причини кои се повторуваат”, истакнуваат научниците.
Сличен систем неодамна развиле научниците на Лондонскиот институт за медицински услуги. Нивниот систем може да одреди дали пациент ќе почине од срцеви болести во текот на идната година и тоа со веројатност од 80 отсто.
За споредба, лекар тоа истото може да го направи во околу 60 отсто случаи.