Офидиофобијата е страв од змии и една од најчестите фобии во светот, од која страда речиси секоја трета личност. Сепак, ова не е пречка за еден салон во Египет да вклучи масажа со змии во својата понуда.
Сафват Судки, сопственикот на спа-центар во Наср, неодамна ја претстави масажата со змии, инаку со години популарна во Азија, меѓу услугите што ги нуди неговиот салон за убавина.
Физиотерапевтот, секако, користи неотровни змии за овој третман, за којшто вели дека е „релаксирачки“. Судки вели дека змиите од различна големина вршат благ притисок, а тоа покренува процеси во телото што „ја враќаат силата и виталноста“.
„Масажата со змии меѓу другото и ги стимулира нервите кои активираат ендорфин, но исто така и допамин, познати и како хормони на среќата“, вели физиотерапевтот.
Тој додава дека придобивките од оваа масажа се подобрен проток на крв во телото, отстранување на напнатоста и вознемиреноста и враќање на самодовербата, а тоа, според него, го потврдуваат и муштериите кои биле доволно храбри да го пробаат необичниот третман.
Масажата со змии во последниве десетина години е доста популарна во некои азиски земји, како Индонезија и Филипините, но почнува да се шири и во земји како Бразил, Русија и од неодамна – Египет.