Најголемата социјална мрежа на светот Фејсбук најави дека на своите огласувачи ќе им понуди бесплатни фотографии од еден од најпопуларните сервиси за чување на истите – Шатерсток.
Иако огласите одамна станаа составен дел на оваа социјална мрежа, се почесто се појавувал проблем околу авторските права на фотографиите кои одредени компании ги користат за промоција на своите производи.
Често покрај некои производи можело да се види фотографија за која корисникот немал дозвола од авторот за нејзино користење при рекламирањето на производот, а тие фотографии се наоѓале преку интернет и се користеле недозволено.
Поради тоа Фејсбук потпишал соработка со Шатерсток, кој ќе дозволи пристап до повеќе од 25 милиони фотографии за бесплатно користење при креирање на оглас на оваа социјална мрежа. Раководството верува дека на овој начин значително ќе се намали злоупотребата на фотографиите на мрежата.