Гласот на Америка – Вашингтон
Во срцето на Силициумската долина се наоѓа кафуле во кое навраќаат познати имиња од високата технологија. Тука пијат кафе основачите на стартап компании кои се обидуваат да се поврзат со инвеститорите кои исто така тука доаѓаат на кафе.
Силициумската долина е епицентар на високата технологија, но каде е епицентарот на Силициумската долина?
Можеби епицентарот е токму тука во тоа наизглед обично кафуле.
За заедницата на високата технологија, Купа кафе е место каде се состануваат најпознатите личности на Силициумската долина. Во кафулето, додека се обидуваат да привлечат внимание кај моќниците од финансиската индустрија, основачите на новите стартап компании кафето можат да го платат со криптовалутата биткоини.
„Се сеќавам на Марк Цукерберг. Тука седеше, се состануваше со луѓе и луѓето му приоѓаа”, вели Ерик Сокол, асистент на Универзитетот Станфорд.
„Сергеј Брин дојде еднаш со Гугл очила. Присутните го фотографираа и фотографиите ги поставуваа на Твитер” – вели Жан Пол Купал, коосновач на Купа Кафе.
Купал, по потекло од Венецуела, отворил кафуле со мајка му и сестра му со желба во Силициумската долина да увезува кафе и органска храна од својата земја.
„Се обидуваме да направиме домашна атмосфера каде сите ќе се чувствуваат удобно. Специјалност ни е кафе од сите делови на светот, а служиме и храна од палачинки до венецуелски лепињи”.
Покрај убаво украсените ѕидови и вкусни јадења, нис просторијата се шири зуење кое не потекнува од еспресо машините. Тоа е звук кој го произведува светот на интернет бизнисот. Ако сте на вистинско место во вистинско време можеби ќе добиете место на сајбер маса.
„Само затоа што седев на ова место, пиев кафе и имав деловен состанок во Копа кафе станав советник во две стартап компании. Тоа е некое чудно јадро на комуникации кои се одвиваат во Купа кафе” – вели Сокол.
Близината на универзитетот Станфорд и други колеџи отвара можност за локалните студенти заинтересирани за високата технологија.
„Седам тука во Купа кафе и го учам програмскиот јазик Јава. Ако некој види што работам и ми понуди помош, сигурно нема да ја одбијам” – вели студентката Кејти Кенеди.
„Многу почетници во бизнисот сакаат да доаѓаат во Купа кафе по цел ден да работат на кодирање. Многу производи настанаа токму во Купа кафе” – вели основачот на кафулето.
Тајната на успехот можеби е и тоа што кафулето е отворено на вистинско место во вистинско време. За сега тоа е популарното место во Силицумската долина… ”.