Шестата Недела на дизајн во Скопје (Skopje Design Week) синоќа во центарот „Јавна соба“ заврши со доделување на наградите, кои се воведени на годинашното издание на манифестацијата – во три категории.
Награда за најдобар студентски дизајн – дизајн на прототип доби Данијела Савиќ, студент на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет-Скопје, Награда за најдобар млад бренд – бренд во подем – за ФОРМИ и Награда за најдобра презентација на компанија-учесник на Неделата на дизајн во Скопје – за SECURICOM.
Одлуката за наградите за дизајн за 2016-та ја донесе четиричлено жири, во состав: Зоран Једрејчиќ, Александар Велиновски, Нина Бачун и Маја Колар.
Според Једрејчиќ, наградите се официјално признание за трудот, енергијата и големата мудрост што дизајнерите ја вложуваат во своите производи и презентации.
– Компаниите и поединците кои се наградени оваа година се вистински пример за деловниот и дизајн-секторот, за тоа што е дизајн и како тој се презентира пред пошироката јавност, изјави Једрејчиќ по доделувањето на наградите, со што и официјално беше затворена 6. Недела на дизајн во Скопје.
Организаторите најавија дека до следното издание, кое ќе се одржува од 21-ви до 25 ноември 2017 година, ќе следат организирани презентации на македонскиот дизајн во седум европски метрополи, серија работилници за дизајн на производ и дизајн на храна и голем број изложби на млади дизајнери и компании.