Акциите на јапонскиот производител на електорникa „Шарп“ пораснаа за 7,3 отсто по информацијата дека преговара со кинескиот компјутерски гигант „Леново Груп“ за заедничко производство на телевизори.
Се очекува „Шарп“ до крајот на годината да му ги продаде на „Леново“ сите акции од фабриката за монтажа на ЛЦД телевизори во Нанџинг, пишуваат јапонските весници.
„Шарп“ и „Леново“ се очекува да потпишат меморандум за разбирање веќе овој месец. Останатите кинески филијали на „Шарп“ кои се занимаваат со равој и продажба, на заедничкиот проект ќе работат по принципот пола-пола од профитот.
Телевизорите кои ќе се продаваат во Кина ќе го носат брендот „Шарп“, а се планира и пробивање на други пазари, како што се југоисточна Азија и Јужна Америка.
Јапонската компанија претрпе серија намалувања на кредитниот рејтинг, а соопшти дека очекува да изгуби повеќе од четири милијарди евра во фискалната година до крајот на март, доколку не добие надворешна помош.