Светскиот тренд за правење на т.н. селфи фотографии деновиве е една од поведрите страни на случувањата во Бангкок и другите градови во Тајланд.
Претежно помладите, но и голем број странски туристи си прават заеднички фотографии со војниците што патролираат по улиците или чуваат стража пред административните објекти, а најголем хит се селфи фотките направени покрај тенк, или оклопно возило.
Весникот „Национал“, што се печати на англиски јазик, денеска пренесува дека војниците љубезно одговараат на молбите за заедничка фотографија, а за возврат од граѓаните и туристите добиваат храна, вода и освежителни пијалоци.
Јавувајќи за ваквата соработка на војниците со граѓаните и туристите, весникот додава дека армијата организирала посебен пункт за туристичка и медицинска помош. Повеќе мобилни екипи се движат низ Бангкок, а стационирани се и медицинско-информативни центри во поголемите паркови на главниот град и во познатите летувалишта.