Во Дојран вечерва почнува седмото издание на ,,Д Фестивал,, кој ќе трае до недела, 16 јули. Архангел, Рудиментал, Рони сајз, Кирил Џајковски, Куп Оркан Оркестра, Али Фарка Туре Бенд, Егоритмија и Стринг Форсес, се само неколку од педесетината домашни и странски реномирани музички имиња и групи кои ќе настапат на петте отворени сцени на најголемиот летен музички настан во Македонија.
Во посебно уредени зони на кампот во кој ќе бидат сместени посетителите, организаторот ,,Пасворд продукција,, планира одржување на бројни панел дискусии, филмски проекции, работилници, предавања, мултимедиумски презентации и уште многу содржини поради кои фестивалот во Дојран станува магнет за младата популација.
– Како своевиден медиум кој ги промовира универзалните пораки за слобода, мир, заедништво и рамноправност секаде во светот, ваквите фестивали имаат посебно значење за културниот развој затоа што покрај славењето на музиката на ,,Д Фестивалот,, свое место наоѓаат сите уметнички творби,рече Катерина Цветковска од Пасворд продукција.