Јужнокорејската компанија „Самсунг“ оваа недела ќе лансира нови модели на „паметни“ телевизори со џиновски екран, кои можат да се поврзат на интернет.
Станува збор за нова етапа од развојот на производи од висока технологија на овој реномиран производител.
Вкупно 16 нови модели, со големина на екран од 46 до 75 инчи (од 117 до 191 сантиметар), ќе овозможат користење на интернет, а ќе содржат и апликации за препознавање на човечкиот говор и движење на телото.
Гледачот, на пример, може својот ТВ апарат да го праша „Кои фудбалски натпревари се денеска на програма?“ или „Дали има акциони филмови овој викенд?“. На екранот ќе се појават одговорите. Промената на каналот ќе се врши со едноставно движење на раката.
Овие „паметни“ телевизори на почеток ќе се продаваат само во Јужна Кореја, а датумот на продажба во останатите земји се уште не се знае.
Еден од раководителите во компанијата Ким Хуан-сук очекува оваа година зголемување на продажбата од пет отсто за сите модели, но истовремено и стагнација, па дури и пад на вредноста на продажбата.