Русија денес ја слави 60-годишнината од првиот лет со човек во Вселената, подвиг на космонаутот и советски херој Јуриј Гагарин, кој останува една од најценетите личности во руската историја.
– Годишнината на вселенскиот лет е „ден на национална гордост“ за Русија, рече во петокот гласноговорникот на Путин, Дмитриј Песков.
Ракетата „Восток“ со тогаш 27-годишниот Гагарин беше лансирана на 12 април 1961 година од космодромот „Бајконур“ во Казахстан, тогаш дел од СССР. Легендата за човек кој од скромни почетоци стана советски херој живее и денес, а летот на Гагарин секоја година се слави во Русија како Ден на космонаутиката. По повод јубилејот, рускиот претседател Владимир Путин отпатува за Енгелс – град на југот на земјата, на бреговите на Волга, каде што Гагарин слетал по историскиот лет и каде се наоѓа споменик на тој чин.
Летот траел 108 минути. А пак, четири години претходно, 1957, СССР веќе беше првата земја што испрати сателит во орбитата, наречен „Спутник“.
Капсулата на „Восток“ денес е изложена во московскиот Музеј за космонаутика, каде што утре се отвора и изложба за Гагарин. Посетителите ќе можат да видат документи, фотографии и лични предмети на астронаутот, од коишто некои се и од неговото детство.
Гагарин почина 1968 година во авионска несреќа.
– Тоа е, веројатно, единственото презиме што сите го знаат – од четиригодишни деца до оние над 80 години. Мислам дека подвигот на Гагарин, заминувањето на човек во вселената по првпат, ги обединува сите Руси, истакна Вјачеслав Климентов – историчар и заменик директор во Музејот во Москва.
Точно 60 години подоцна, Русија продолжува редовно да испраќа свои космонаути на Меѓународната вселенска станица (МВС). Во петокот, руско летало „Сојуз“, украсено во чест на Гагарин, полета од „Бајконур“ со двајца Руси и еден Американец во посадата – Олег Новицки и Пјотр Дубров од Роскосмос и Марк Ванде Хеј од НАСА.