Познатиот актер Роџер Мур, кој го глумеше агент 007, Џејмс Бонд, од 1973 година до 1985 година, го пофали својот колега Даниел Крејг за најдобар актер кој го глумел Бонд во „Казино Ројал“ и „Зрно утеха“.
„Го сакам ,Казино Ројал’ (Casino Royale) и Даниел Крејг. Тој е неверојатен актер, дефинитивно е најдобриот кој некогаш го глумел Џејмс Бонд. Тој ги поседува најдобрите карактеристики на ликот на Бонд“, пишува Мур во својата книга „Книга за Бонд“ (Book on Bond) .
Мур пишува дека во филмот „Зрно утеха“ (Quantum of Solace) недостасува одредена доза на хумор, по која и се препознава „вистинскиот“ агент 007 во филмовите.
„Верувам дека на мое задоволство, во филмот ,Skyfall’ ќе има многу повеќе хумор отколку во ,Quantum of Solace’. Се разбира, јас кога го глумев тајниот агент шефовите ги имаа сите конци во раце, но јас никогаш не ги сфаќав сериозно“, напиша Мур.
Зборувајќи за себе во книгата и годините кога тој беше неодоливиот Бонд, Роџер пишува:
„Тогаш не се плашев дали ќе го скршам коленото ако скокнам од стол. Можев да јадам карамела без да мислам дали притоа ќе ми испадне некој заб. Си се восхитував на својата коса и своето „извајано“ тело. Со едно мое движење на веѓата го забрзував пулсот на целиот свет. Сега мојот сопствен пусл го „помрднува“ пејсмејкерот“.