Италијанците и до сега беа горди на убавините на Италија, но од петокот се уште погорди на една од најголемите атракции во нивната земја, Колосеумот во Рим, по завршувањето на реставрацијата на неговата фасада.
Амфитеатарот за гладијаторски борби изграден пред речиси две илјади години, кој годишно го посетуват шест милиони туристи во петокот повторно блесна.
Поради намалената финансиска помош на државите и лошата политика и грижа за културното наследство, голем број историски споменици во Италија се запоставени со децении, што загрози меѓу другите и 51 споменик на Светското културно наследство на УНЕСКО.
Меѓу тие споменици е и римскиот Колосеум, кој не е обновен уште од времето на Мусолини, а чија обнова ја иницираше пред пет години познатиот произведувач на чевли „Тодс“, понудувајќи 25 милиони евра за реставрација на симболот на античкиот Рим.
И покрај ризикот целиот проект за обнова на Колосеум да пропадне поради контраверзите во врска со договорот за реставрација на градбата, средувањето на фасадата на амфитеатарот покрај Римскиот форум сега е завршено.
Италијанскиот премиер Матео Ренци го пофали огромниот проект за чистење и средување на една од најголемите градби на античкиот свет кој, како што рече, треба да служи за пример за заштита на големото национално културно богатство.
Во изминатите три години реставраторите со четки од природно влакно исчистија повеќе од десет илјади квадратни метри камена фасада, нанесувајќи 1.700 килограми кит во пукнатините на ѕидовите, додека споменикот и натаму беше отворен за посетителите.
Следната фаза од реставрацијата е внатрешноста на Колосеумот, а министерот за култура на Италија Дарио Франческини веќе одвои 18 милиони евра за средување на централниот подиум за културни случувања.