Сите млади креативци кои сакаат да работат на конкретни проекти и следната година ќе можат добијат поддршка од Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.
На првото Годишно собрание на Движењето, што се одржа денеска, членовите и поддржувачите едногласно одлучија и годинава да продолжат активностите и поврзувањето на креативните идеи со македонскиот бизнис сектор.
И годинава наградата за најдоброто дизајнерско решение ќе биде во износ од 200.000 денари, а проектот ќе биде избран од пристигнатите предлози што ги доставуваат членовите на Движењето.
Според Ангелка Пеева-Лауренчиќ од Имиџ ПР мисијата и визијата на Движењето е да ја поддржи креативноста на младите во Македонија, но, како што вели, таа креативност да биде во функција на поддршка на македонските национални брендови и економија.
– Задовлство е денеска да го заокружиме првиот проект којшто го започнавме минатата година токму на овој ден. Тоа е брендирање на македонското слатко, да ги видиме резултатите како и да ги слушнеме наградениоте дизајнери Мартин и Далибор коишто ја изработија етикетата за слаткото „Фрутело“, истакна Пеева-Лауречиќ.
На Годишното собрание на Движењето беа заокружени и активностите од првиот проект што се реализираше минатата година – проектот за брендирање на македонско слатко. Седумте видови слатко од вишна, малина, зелена смоква, јагода, портокал, дива капина и аронија на компанијата „Јоми фуд“ од Велес која беше избрана на јавен конкурс, добија нов автентичен изглед и специјално пакување.
Стручната комисија составена од претставници на движењето и Skopje design week (SDW), го оценија дизајнерското решение на младите дизајнери Далибор Смилески и Мартин Стојмировски кое беше избрано за најдобро од пристигнатите решенија на јавниот конкурс.
Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчич“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион, дадоа поддршка на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ во насока на исполнување на овие цели.