Првиот и единствен македонски неделник за млади „Наш свет“ деновиве го слави својот 55-ти роденден.
Станува збор за првото списание со компјутерски прелом во НИП Нова Македонија зад кое денес стои издавачката куќа „Просветно дело“.
Роденденот на Наш свет ќе биде одбележан со голема забава која ќе се одржи на 31 јануари (сабота) во 12 часот во холот на Веро центарот, а на која ќе гостуваат бројни македонски ѕвезди. Специјален гостин ќе биде кумот на списанието Максим Гонев од Велес, кој победил на конкурсот организиран во почетокот на 60-те години од минатиот век.
Првиот број на неделникот бил објавен во јануари 1960 година, а го уредувале некои од најеминентните имиња во македонската литература како Васил Куновски, Симон Дракул, Ванчо Николески, Видое Подгорец, Киро Донев и Рајко Јовчевски. Токму во Наш свет биле објавени првите стихови на Лидија Димковска и академик Катица Ќулафкова, биле застапени сите македонски изведувачи од Леб и сол и Мизар, до Тоше Проески и Каролина, одбележани најголемите спортски успеси на клупско и репрезентативно ниво.
Половина век Наш свет ги бележи активностите на сите основни училишта во Македонија, ги презентира регионалните, државните и меѓународните успеси на многу генерации ученици. Најталенти на Наш свет биле Марко Ковачевиќ, Боби Андонов, стотици деца врвни спортисти, актери, музичари, танчери… Во овој неделник биле објавени ексклузивни интервјуа со Пауло Коелјо, Моника Селеш и Априлин Пајк, првите интервјуа на Перо Антиќ, Тони Зен, Некст Тајм и ексклузивците на М2.