Првата македонска платформа за дизајн на продукти, House of Thousand Designers (HOIOOOD), ги објави првите четири конкурси за дизајн на парчиња мебел: за дизајн на стол, ламба, работна станица и софа.
Секој од овие четири конкурси, кои ќе бидат активни до 25 јуни 2017 година, е подржан од различна локална компанија. Односно, компанијата FEYDOM ќе го поддржи конкурсот за дизајн на софа, ЛИРА пак конкурсот за дизајн на ламба, Махагони ќе го поддржи конкурсот за дизајн на стол, а новата компанија Coyaconeya пак конкурсот за дизајн на работна станица.
Конкурсите се отворени за секој заинтересиран – не само за искусните дизајнери и архитекти, туку и за сите страствени аматери, студенти и ентузијасти. А откако една дизајн-идеја ќе биде одобрена од стручното жири на HOIOOOD, дизајнерот ќе има прилика да продолжи со развој на својот продукт во Отвореното дизајн студио на HOIOOOD, а заедно со тим на експерти.
Целиот процес ќе заврши со целосно развиен, брендиран продукт, пласиран на пазарот со соодветна маркетинг стратегија. Продуктот останува засекогаш на дизајнерот, односно тој/таа ја задржуваат интелектуалната сопственост.
Проектот предводен од FEYDOM, а финансиски делумно поддржан од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, претставува еден тип на дизајн инкубатор кој им нуди на сите заинтересирани дизајнери да се здобијат со потребното знаење и искуство за својот дизајн да го пласираат на пазарот.