За прв пат во Македонија се одржува едукативен и филмски фестивал за деца, насловен „Наш Мал Фестивал“.
Фестивалот се случува од 14 до 16 декември во Домот на АРМ, а истиот е наменет за ученици од 9 до 12-годишна возраст. Во првата година од својата реализација предвидени се организирани посети на околу 1.000 ученици од неколку општини од Република Македонија, но е со тенденција да прерасне во традиционална манифестација која ќе ги опфаќа сите деца од државата.
„Нашиот Мал Фестивал“ е посветен на подигнување на културната свест и нивото на неформална едукација кај децата, а во својата програма интегрира голем број едукативни работилници, проекции на детски филмови од европска продукција и многу забавни содржини.
Примарната цел на едукативните активности е да им се овозможи на децата да го збогатат своето знаење вон формалната едукација преку учество во работилници специјално дизајнирани да ја поттикнат креативната страна на нивната личност, додека пак европската филмска програма нуди исклучителна селекција на филмови целно наменети за детската публика, што е дополнителен поттик за ширење на културните хоризонти во правилна насока, но и за развивање на личноста на детето воопшто.
„Нашиот Мал Фестивал“ е организиран од страна на „Наше Маало Продукција“ по повод 15 години од своето постоење, а истиот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Канцеларијата на ЕУ во Скопје, фондацијата Метаморфозис, како и општините Велес, Чаир и Културно-информативниот центар на Србите во Македонија.
Програмата на фестивалот е бесплатна, а вратите на Домот на АРМ ќе бидат отворени за сите посетители од 10 до 16 часот во текот на трите дена.