Лондон наскоро ќе добие зграда со 55 ката на чиј покрив ќе се наоѓа проѕирен базен кој овозможува поглед од 360 степени на целиот град, јави Си-Ен-Ен.
Дизајнот на базенот, со капацитет од 600.000 литри, на зградата „Инфинити Лондон“, го работеше компанијата „Компас базени“.
Во компанијата тврдат дека станува збор за „единствена зграда на светот која има проѕирен базен со поглед од 360 степени“.
Базенот ќе биде направен од лиен акрил со проѕирни страни и под, а ќе биде на височина од преку 200 метри.
Со цел погледот да биде отворен, нема да има скали на надворешната страна и наместо тоа пливачите ќе користат спирални скали кои се креваат низ водата.
Базенот исто така ќе биде опремен со анемометар заради следење на брзината на ветрот и ќе биде поврзан со компјутерски систем за управување со цел водата да не се прелева на улицата преку ивицата на базенот.
Тој систем ќе ја регулира и температурата на водата, која ќе се грее со отпадна топлотна енергија од системот за климатизација што ќе го користи зградата.
На најгорните катови од зградата ќе биде сместен хотел со пет ѕвезди, а базенот ќе биде дел од хотелот. Почетокот на изградбата се планира за 2020 година.