Таблетот Surface Pro на Microsoft ќе се продава во САД и Канада од 9 февруари. Софтверскиот гигант конечно ги објави речиси сите детали околу својот таблет.
Уредот ќе користи процесор Intel Core i5 и 4 GB меморија. Обработката на видео ќе се врши од вградениот контролер Intel HD 4000.
Таблетот ќе користи 10.6-инчен Full HD екран. На располагање ќе бидат две вградени камери за HD 720p видео, USB 3.0 порт, слот за microSDXC картчки и др.
Целосното име на уредот ќе биде Surface Windows 8 Pro. Цените ќе почнуваат од 899 долари за верзијата со 64 GB внатрешна меморија. Моделот со 128 GB ќе чини 999 долари.
Во цената е вклучено и пенкало (стилус). Тастатурата, сепак, ќе се продава одделно по цена помеѓу 120 и 130 долари во зависност од моделот. Сеуште е нејасно колку време уредот ќе може да работи само на батерија.
Microsoft објави дека го зголемува и бројот на земјите во кои ќе се продава верзијата Surface RT, која е со ARM базиран процесор и користи Windows RT. Нашата сеуште не е меѓу нив и за моментов нема информации кога и дали ќе биде додадена на листата.
Surface Pro ќе биде првиот вистински тест за амбициите на Microsoft да се претвори и во хардверски производител. Компанијата полага големи надежи и планира да продолжи со развојот и производството на уреди. Постојат шпекулации дека се подготвува и смартфон.