Во организација на Секторот за туризам и Локален економски развој при општина Охрид, на 24. август во излетничкото место Скребатно првпат ќе се одржи манифестацијата „Охридска софра“.
Манифестацијата е замислена како комбинација на соодветни настани каде што на граѓаните, гостите и посетителите ќе им биде презентирано богатството на охридската традиционална храна, пијалаци и други етнолошки вредности, како надополнување на севкупната туристичка понуда и туристички производ.
Главните активности на манифестацијата се промоцијата на традиционални јадења и пијалаци, а во нејзини рамки ќе се одржува и традиционалната „Ѓомлезијада“, натпреварот во приготвување на тој специјалитет од охридскиот крај. Како и претходно, за тројцата највешти готвачи се предвидени и награди во вредност од 20 илјади денари.
Замислата на организаторот на манифестацијата е учесниците да имаат можност да ги истакнат и своите готвачки вештини преку подготовка на традиционални охридски јадења на самото место, за чија што промоција се обезбедени промотивни штандови.
Сите заинтересирани правни и физички субјекти што сакаат да бидат дел од настанот своето учество на „Охридската софра“ да го најават во просториите на Секторот за ТЛЕР или преку телефон најдоцна до 16 овој месец, со напомена дека бројот учесници е ограничен.