Правилна подготовка за на училиште

Од:

Распустот привршува и доаѓаат новата училишна година, нови обврски и одговорности. По речиси три месеци децата, но и родителите треба да се вратат на стариот ритам и навики.

Неколку дена пред почетокот на училиштето потребно е детето да се навикне малку порано да станува, бидејќи на распустот најверојатно спиело до подоцна.

Децата кои менуваат училиште потребно е да ги подготвите со разговор за тоа што ги чека. Објаснете му на детето што ќе се промени во неговиот живот, кои ќе бидат новите обврски и како ќе изгледа новото училишно опкружување.

Децата од шесттото одделение почнуваат со нов систем на работа со предметни наставници. Никогаш детето не треба да го плашите со новите наставници и обврски. Тоа треба да го сфатат како нормална обврска, која ги очекува и која ќе им донесе нови знаења.

Истото важи и за децата кои почнуваат со прва година во средно училиште. Можете да им помогнете со совети дека е важно со врсниците да воспостават добар контакт, како и дека е многу подобро на почетокот да „го загреат столчето“ и да добијат добри оценки, бидејќи тоа во голема мера ќе има ја олесни целата година.

Во домот обезбедете атмосфера на љубов и поддршка. Добро е детето да знае дека сте со него, што и да се случи. Дури и кога сте уморни и исцрпени, сослушајте го што има да ви каже и разговарајте, кога и да посака детето.

Запознајте се со наставниците или професорите, остварете добар контакт и со школскиот психолог. Важно е да бидете вклучени во детскиот живот и обврски, со цел да можете да помогнете околу евентуалните проблеми.

Психолозите советуваат и дека доколку детето го очекуваат големи промени, првите неколку дена е добро да бидете на одмор, за да му помогнете.

Првачиња

Психолозите тврдат дека децата кои умеат да измислуваат сопствени игри, да ги следат децата со кои си играат, да ја употребат фантазијата и да ги одложат своите потреби се подготвени за на училиште.

Но доколку вашето дете е запишано во прво одделение, а тоа значи дека ја минало проценката на психологот, сега на вас е дополнително да го подготвите.

Психолозите советуваат да му раскажувате како ќе му биде на училиште, да го поттикнувате и да го фалите дека сте сигурни дека сите обврски ќе ги извршува како што треба.

Одведете го да го види училиштето, а се препорачува и барем една недела пред почеток на училиштето заедно да купите опрема, облека и се што му е потребно.

Најважно е детето да ви зборува за тоа што му се случило во текот на денот за да можете да го следите што прави на училиште.

Мошне е важно на детето да му обезбедите простор за учење, кој ќе биде само негов. Најдобро е да има своја соба, а доколку нема потребно му е катче, каде никој нема да го вознемирува.

Немојте од училиштето да правите „баук“, особено не од првото одделение, бидејќи тоа се уште е многу повеќе игра, отколку учење.

Во домот дозволете му да сецка, да си игра со прстите, да ваја, да црта…бидејќи така најдобро ќе ја развие графо-моториката.

Вистинската подготовка за училиштето подразбира разбирање на непосредната околина, развивање на чувството за одговорност, поддршка на возрасните и богато развиена фантазија и игра.

Тргнувањето на училиште претставува една од најголемите промени во животот на детето и потребно е да се потрудите да мине што е можно полесно.

Би можело да ве интересира

Учениците се враќаат на настава, во оваа учебна година првпат ќе имаат и пролетен распуст

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Teпaчка на наставник и ученик за мобилен телефон

Горан Наумовски

Деца од Македонија веќе зеле по 30 евра да учат бугарски, планот е јазикот да влезе во секој македонски дом

Орце Костов