По повеќе од 20 години, во март годинава во скопската Зоолошка градина се родија три лавчиња. Лавчињата одлично напредуваат под будното око на вработените во Зоолошката градина кои со професионалност и внимание се грижат мајката и малите да се безбедни и да ги имаат сите потребни услови, информираат од Зоолошката градина.
„Лавчињата ја примија и првата вакцина, како превентивна мерка во ветеринарната заштита на здравјето на животните. А од денеска ќе бидат пуштени во надворешното живеалиште и посетителите за првпат ќе имаат можност да ги видат одблизу.
Посетителите на скопската Зоолошка градина од денеска ќе можат да даваат предлози за избор на имиња на трите женски лавчиња.
Граѓаните предлозите ќе може да ги ставаат во пластичните кутии кои се поставени на влезот на Зоолошката градина. Предлози ќе можат да се пишуваат и во коментар на објавата на Фејсбук страницата на Зоолошката градина, како и на објавата на Фејсбук страницата на Град Скопје“, сооопштуваат од скопската Зоолошка градина.
Анкетата за именување на малите лавици ќе трае една недела, а во текот на следната недела одбраните имиња ќе бидат и јавно објавени.