Фејсбук блокираше стотици акаунти и страници во САД, од кои повеќето ширеле политички дезинформации, поради прекршување на правилата на компанијата за ,,невистинита” содржина и спам.
Компанијата соопшти дека 559 страници и 251 акаунти ќе бидат отстранети. Иако тие објавувале ,,сензационални политички содржини”, Фејсбук во образложението не наведува дека тоа е причината за затворањето. Фејсбук забележал дека многу од нив користат стратегија на објавување од лажни или од повеќе акаунти за да генерираат сообраќај или да ја зголемат нивната популарност.
Фејсбук наведува дека страниците кои што ги отстраниле денеска се повеќе промовирале политичка содржина. Станува збор за страницата Right Wing News за која што Њујорк тајмс обелодени дека објавувале лажни приказни за Кристин Бласи Форд по нејзиното сведочење на сослушувањата на Бред Каванаг.
Фејсбук соопшти дека не ги отстранува издавачите и сметките поради типот на содржината што ја објавиле, туку поради нивното однесување и прекршување на правилата на Фејсбук. Тие спамирале на Фејсбук групи со идентична содржина, а преку лажни профили.
,,Додека стануваме подобри во откривањето на овој вид злоупотреба, луѓето зад неа – кои се економски или политички мотивирани – ќе ја сменат тактиката за да избегнат откривање”, се вели во објавата на Фејсбук. ,,Затоа ние продолжуваме да инвестираме многу, вклучително и во подобра технологија, за да спречиме ваква злоупотреба. Бидејќи луѓето ќе споделуваат на Фејсбук само ако се чувствуваат безбедно и им веруваат на контактите што ги воспоставуваат”.
Акаунтите и страниците, со имиња како што се Reasonable People Unite и Reverb Press, користеле прималиви наслови и други тактики за спамирање за да ги привлечат корисниците до веб-страниците каде што би можеле да ги таргетираат со реклами, соопшти компанијата. Некои од нив имале стотици илјади следбеници и изразувале голем број политички ставови, вклучувајќи ја и страницата која се сметаше за водечка за поддршка на претседателот Доналд Трамп. Тие најверојатно немаат врски со Русија, велат официјалните претставници на компанијата.