Почнуваат презентациите на Skopje Design Week

Од:

Во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“почна шестото издание на Skopje Design Week, кое ќе се одржува до 27 ноември под мотото „Blooming Makers“.

Скопската недела на дизајн синоќа започна со отворање на изложбата „Blooming Makers“, изложба на земјата во фокус – Австрија и патувачката изложба „Young Balkan Designers“. Претставени се 30 дизајнери кои се дел од „Designaustria”. Ова е најголемата австриска изложба на дизајн воопшто презентирана во Скопје.

По свеченото отворање следуваше првиот скопски концерт на младата и прогресивна белградска група „E-Play“.

Со почеток во 16 часот денеска ќе почне сегментот на презентациите на „Skopje Design Week“.

Прва ќе биде презентацијата на влијателниот дизајнер Зоран Једрејчиќ за трансформацијата на Белградскиот саем на мебел. Роден во Сплит, се школувал во Хрватска, Италија и Германија, соработувал со најзначајните светски дизајнерски компании, како „3М“, „Артизан“, „БРФ Колорс“ и други, со свое студио во Милано и во Белград, Зоран Једрејчиќ креираше сосема нов концепт на Белградскиот саем на мебел. На презентацијата ќе зборува за методите со кои Белград стана еден од европските центри на современиот дизајн на мебел.

Во 17 часот ќе се одржи презентацијата на „Дизајн Австрија“, платформа која ја носи земјата во фокус – Австрија.

Дизајнерската платформа „Design Austria“ постои од 1927 година и во моментов има повеќе од 1.300 членови. Функционирањето на платформата е на принцип на интерфејс, односно ги поврзува интернационалната економија и креативните индустрии преку организација на изложби, конференции, публикации, натпревари и работилници.

Целта на платформата е да создаде идеални предуслови за работа на дизајн-индустријата. Исто така, платформата има висока компетентност во обуката на студенти, дипломци и постдипломци. Ги поддржува малите, средните и микро компаниите со советодавна функција и за компаниите за дизајн и за производните компании. Членството во платформата е отворено за сите заинтересирани.

„Проект Илица: Made in Ilica/ Old school Ilica“ на хрватскиот колектив „Оаза“ ќе има презентација во 18 часот. Проектот „Made In“, со кој колективот „Оаза“ се претставува на „Skopje Design Week“, е инициран од промените што се случуваат на локално и на глобално ниво и кои радикално ја менуваат сликата на градот. „Made In“ е истражувачки проект за познатата загребска улица „Илица“, за промените што се случуваат со нејзиниот традиционален изглед, а се реализира во соработка со жителите и соседите на улицата.

Целта на проектот е во процесот на дизајнирање, од идеја до продажбата на производите, да се користат исклучиво локалните и лесно достапни материјални ресурси и знаењето на локалните жители. Оваа платформа на „Оаза“ за ревитализација на локалната заедница со користење на алатките на социјалниот дизајн ќе биде инспиративно искуство за македонската дизајнерска заедница.

Во музичкиот сегмент вечер, со почеток во 21 часот, во „Јавна соба“ ќе настапи прогресивниот македонски авторски бенд „Џун“.

Неделата на дизајнот во Скопје е мултикултурна платформа фокусирана на дизајнот и иновациите која овозможува промоција, презентација, едукација, кулинарство и забава.

Би можело да ве интересира

Мет Дејмон продаде имот во Лос Анџелес за 18 милиони долари

Ана Ололовска

Се изнајмува стан уреден во стилот на „Кери Бредшо“

Ана Ололовска

Алиша Кис го покажа својот нов луксузен дом

Ана Ололовска

Стан-гаража во Загреб го привлече вниманието на многумина

Ана Ололовска

Мерилин Менсон ја продава вилата во Лос Анџелес за 1,75 милиона долари

Ана Ололовска

Нина Добрев го покажа својот реновиран дом во САД

Ана Ололовска