Градот Скопје и годинава во рамките на Новогодишните и Божиќните свечености ја организира манифестацијата „Новогодишните бои на Скопје“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат своите домови и работни простории и да придонесат во разубавување на празничниот амбиент на градот.
Традиционално ќе се избира најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа, најубаво украсена тераса од стан, нјубаво надворешно украсен угостителски објект и најубаво новогодишно украсен двор на средно училиште.
Заинтересираните граѓани и правни субјекти што сакаат да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот, од 9-ти до 22 декември годинава.
Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците може да испраќаат на веб-адресата [email protected] или на адреса: булевар Илинден бр.82, со назнака за манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“.
Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија што ќе биде составена од претставници на медиумите.
Градот Скопје и годинава обезбеди награди од 10.000 денари, што ќе им бидат доделени на првонаградените, додека ЕВН Македонија ќе ги ослободи првонаградените во сите категории, еднократно од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија, за месец декември 2014 година.
Наградите на најуспешните на крајот на месецов ќе им ги додели градоначалникот Коце Трајановски заедно со претставници од ЕВН Македонија.