Во Дом на АРМ од денеска до недела е отворен „Наш мал фестивал“ – прв филмски и едукативен фестивал за деца кој го организира продукцијата „Наше маало“ по повод 15 години од своето постоење. Наменет е за ученици од 9 до 12 години и се очекува првото издание организирано да го посетат околу илјада деца од неколку општини во Македонија.
Во терминот од 14 часот ќе бидат прикажувани европски филмови за деца – денеска холандскиот „Лепел“, утре германскиот „Музикантите од Бремен“, според познатата бајка на браќата Грим, и в недела – словенечкиот „Си тераме ние по свое“.
Фестивалот е отворен во трите дена од 10 до 16 часот, а влезот е бесплатен. Покрај проекции, има и многу едукативни работилници – за анимација, за безбеден интернет, реупотреба на материјали заради заштита на животната средина, работилница за танц, ЕУ-тека – за запознавање на Европската унија…
Покровители се Министерството за култура, сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, и Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Иво Антов од „Наше маало“ рече дека идејата за ваков фестивал е да се подигне свеста и нивото на неформална едукација на децата. Истакна дека му недостигаат настани за деца, какви што правел пред десетина години зашто тоа чувство, рече тој, бескрајно го исполнува.
Фестивалот официјално го отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која смета дека „Наш мал фестивал“ ќе ја поттикне фантазијата, креативноста и иновативноста на најмладите и дека ја пополнува празнината, зашто досега во Македонија немало филмски и едукативен фестивал за деца.
– Можеби токму во таа атмосфера, децата ќе ги откријат своите афинитети, своите желби и идни професии… Овој фестивал нека биде можност повеќе, да создадеме здрави, совесни и умни поколенија, рече Канческа-Милевска.
Според шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав, за ваков фестивал треба добра идеја, а ако неа ја има, рече тој, не е тешко да се најде поддршка.