Актерот и хуморист Омар Си стана најомилената личност на Французите, одземајќи му ја оваа почесна титула на поранешниот тенисер Јаник Ноа, кој на оваа позиција остана цели пет години, јави дописникот на МИА од Париз.
Филмот „Недопирливи“ го промени животот на Омар Си и му дозволи во испитувањето на јавното мислење на Ифоп за неделникот „Журнал ди диманш“ да се најде пред еден друг актер и хуморист Гад Елмалех и Јаник Ноа кој е на третата позиција.
На четвртата позиција се наоѓа хумористот Џамел Дебуз, оскаровецот Жан Дижардан за улогата во „Уметникот“, имитаторот Лоран Жера, политичарката Симон Веил и фудбалерот Зинедин Зидан кој поминува од петтото на осмото место.
Претседателот на Франција, Франсоа Холанд изгуби 20 места на листата на најомилените Французи, паѓајќи на 45 место, во јули тој беше на 15 место. Холанд сега се наоѓа меѓу селекторот на француската фудбалска селекција Дидиер Дешам (44-то место) и пејачката Ванеса Паради (46-та). Франсоа Холанд и Симон Веил се единствените политичари кои се најдоа во топ 50 најпопуларни личности во Франција.