Повеќе од 90 проценти од светската популација, постара од шест години, ќе имаат мобилен телефон до 2020 година, покажуваат резултатите од најновото истражување на Ериксон Мобилити.
Се очекува до 2020 година бројот на претплатничките договори на корисниците на смартфони да достигне 6,1 милијарда. Во третиот квартал од 2014 година и понатаму е забележан раст на продажбата на паметни телефони, бидејќи во овој период од вкупната продажба на мобилни телефони дури 65-70 отсто го сочинуваат смартфоните.
Иако растот на претплатничките договори на корисниците на паметни телефони е во постојан пораст (до крајот на годината се очекуваат нови 800 милиони договори во целиот свет), во Ериксон сметаат дека и понатаму има простор за пораст во овој сектор, бидејќи од вкупниот број мобилни претплатнички договори само 37 отсто им припаѓаат на корисниците на смартфони.
Заклучно со третиот квартал од тековната година бројот на мобилните претплатнички договори изнесува околу 6,9 милијарди, а најголем пораст е забележан во Индија и Кина. Се очекува до 2020 година бројот да се зголеми на 9,5 милијарди, а меѓу нив ќе бидат и 3,5 милијарди ЛТЕ претплатнички договори.
Предвидувањата покажуваат дека до 2020 година во Европа ќе има околу 600 милиони ЛТЕ претплатнички договори. Кога станува збор за мобилниот сообраќај, видеото и понатаму е најдоминантно.