Сто и шеесет нови случаи со бубрежни заболувања се регистрираат годишно од кои најголем број се за дијализа. Во моментов вкупно 1.450 пациенти се третираат со дијализа, беше истакнато на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на бубрегот, кој годинава се одбележува под мотото „Стоп на акутната бубрежна болест“.
Душко Ѓоргиев од Републичкото здружение на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ рече дека мал дел од луѓето кои одат на дијализа имаат пристојни европски услови и тоа во Центарот кој се отвори во Градската општа болница „8 Септември“ и во Центарот Дијамед.
– Наша желба и апел е да се обезбеди нова апаратура за дијализа бидејќи старата треба да се замени, и да се интензивира трансплантацијата. Крајно време е сите подзаконски акти да се донесат за да почне кадаверичната трансплатација, посочи Ѓоргиев.
Во Македонија, посочи тој, по осми пат се одбележува Светскиот ден на бубрегот, а во светот денот се одбележува во над 150 држави.
Директорот на Клиниката за урологија, Михаил Пенев рече дека од март минатата година до крајот на годината на Клиниката за урологија се направени 24, а оваа година 10 трансплантации.
– Имаме одлична поддршка од Фондот за здравствено осигурување на Македонија кој за некомплицирана трансплантација ни плаќа 10.000 евра, а за комплицирана 15.000 евра. Договор со Фондот е оваа година да направиме 36 трансплантации, а мислам дека 40 сигурно ќе направиме. Во контакт сме со Албанија и Косово од каде ќе доаѓаат пациенти па така ќе станеме и регионален центар. Имаме екипа која е подготвена да врши и кадаверични трансплантации (од починат донор), истакна Пенев.
Шефот на тимот за трансплантација од Клиниката, доктор Сашо Дохчев посочи дека за оваа година си поставиле еден премногу амбициозен план – да извршат барем по една трансплантација секоја недела.
Од досега направените 34 трансплантации на Клиниката, како што беше истакнато на прес-конференцијата, имало минимален број компликации, еден смртен исход поради инфекција и септична состојба и има едно вадење на пресаден бубрег поради отфрлање од страна на организмот.