Средношколци и студенти од техничките факултети во државава, на возраст од 16 до 28 години, ќе може да добијат бесплатна обука за стекнување со меѓународен Аутодеск сертификат и натпревар во 3D и Game dizajn на настанот iNovum, што ќе се одржи од 22 април до 4 мај во „Скопје сити мол“.
Од утре до 23 април во „Скопје сити мол“ ќе бидат поставени промотивни штандови за пријавување за учество. Планирано е дневно да се обучуваат по 20 лица, по што ќе можат да се вклучат во натпреварот. Потребната техника ќе ја обезбеди организаторот на настанот Академијата за 3D и Game design – M3DS .
– Целта е развој на македонското ИТ општество, поттикнување на креативноста кај младите и насочување кон професијата 3Д артист за која има голема побарувачка, рече на прес-конференција Стефан Митров, инструктор во Академијата за 3D и Game design – M3DS.
– Учесниците освен што ќе се стекнат со основни познавања за Autodesk, ќе имаат можност за практична работа, работа во тимови, запознавање со компании учеснички, создавање сопствено портфолио и стекнување меѓународно признаен Autodesk сертификат, рече Митров.
Стекнатото знаење и добиениот сертификат на натпреварот, појасни, може да биде основа за учество во изработка на филмови, реклами, игри и се што е поврзано со визуелизација.
Поддршка во активностите, како што рече, имаат од Агенцијата за вработување и Министерството за култура.
Победничките три тима ќе добијат групна стипендија за студирање во M3DS Академијата.