Индекс – Загреб
Се повеќе млади луѓе бараат живот надвор од Хрватска, но дали тревата навистина е позелена на другиот крај на светот?
Иван ни откри како е на Нов Зеланд, како се забавуваат младите и кои можности донесува новиот континент. Но, треба да се има храброст и да се направи прв чекор во непознато.
„Состојбата во Хрватска ми се чинеше безнадежна, можеби не е толку лошо, но во мојата глава беше катастрофално. Отидов да се тргнам и да согледам животот и целокупната состојба пообјективно и од друга перспектива и го избрав Нов Зеланд како контраст и една од најуредените држави, секако со фактот дека добив виза минатата година кога се пријавив.
Никогаш не чувствував некој национализам и посебна врска која не би ми дала да заминам. Иако од основно училиште не учат дека треба да си горд од каде си, нема смисла да бидеш горд на нешто што се случило случајно и на што не сум имал никакво влијание. Освен тоа, состојбата на факултет беше таква што ми се згади животот, бидејќи ќе учев по цели денови и ќе паѓав на испити од непознати причини. Не само јас, туку и многу други студенти на право. Па мислев дека би било штета да пропуштам ваква единствена прилика и да не заминам да видам. Пријателите беа пред мене и ми кажуваа дека се е лесно и опуштено, работа може да се најде без проблеми, нема стресови ни притисок… и не ме лажеле‟, ја почна Иван својата приказна за Индекс.
Иако првите две недели со пријателот патувал, по патувањето набрзо нашол и работа.
„Бев воодушевен од природата. Како и во Хрватска има се. Планини, долини, рамници, рекички и езера, морето. Вчера се возев од Бленхеим до Кристчерч и бев воодушевен… на една страна океанот со прекрасна светла боја поради песокот, планини покрај морето, на другата страна зелени ливади и ридчиња, а во далечината бели планински врвови. Не е како во Далмација покрај морето да има само карпи и камења, мртва вегетација и испукана земја. Но, не можев да се смирам бидејќи немав работа, а немав ни место за престој. Последните три недели сум во хостел и работам во фабрика која пакува смрзнати лигни и на кутиите лепиме декларации. Всушност слична работа како и во магацините во Хрватска, каде работев со студентски договор. Со голема разлика што може да се зборува, да се шегуваме, сите се смејат и топли се. Општо сите луѓе‟, вели Иван кој пријатно се изненадил од реакции на непознати луѓе кои секогаш биле насмеани и љубезни.
Според што животот на Нов Зеланд е подобар?
„Никаде не е подобар или полош, чисто е субјективно, зависно од тоа како размислуваш. Мене ми е подобро бидејќи луѓето се поопуштени, на улиците во градот има секакви луѓе. Ги набљудував вчера половина час. Истетовирани, чорапи на апостолки, исфлекани, згужвани… има секакви. Како да не им е гајле за изгледот. Што се однесува до некоја општа култура, под наводници бидејќи нема општа, бидејќи учиме беспотребни идиотски работи во училиште, таа не постои. Луѓето не знаат каде е Хрватска и не само Хрватска, туку не знаат ништо за Европа. Од типот, слушнале за Германија, за Хрватска не ни слушнале‟, ни вели Иван и додава:
„Мирно е и тоа ми се допаѓа. Луѓето не седат по кафулиња по цели денови, места за излегување речиси и да нема, т.е. празни се. Инаку живеам во Бленхејм каде живеат околу 30.000 жители, но од друга страна моментално сум во хостел во двокреветна соба со еден цимер, па не сретнувам многу луѓе, освен тие 20 Новозеланѓани на работа‟.
Што се однесува до трошоците за живот, минималецот е 15 новозеландски долари што е околу 67 куни на час, па со мали трошоци за живот може и да се заштеди. Не се троши на излегувања и клубови како кај нас, туку младите се дружат со тесен круг на пријатели. „Единствено што ми недостасува е семејството и пријателите. Но, тоа доаѓа на моменти и брзо поминува. Лесно е да се стапи во контакт со било кого. А тука ми е најдобро бидејќи се е опуштено‟, вели студентот кој се пријавил на т.н. „working holiday visa‟.
„Младите би ги советувал, ако имаат можност да искористат прилика бидејќи ова е големо искуство. Големо мнозинство бекапкери се Германци и Французи, но запознав и луѓе од целиот свет од Чиле, Канада, Непал, Италија, Кина… Човек може многу да се изгради на такво патување, посебно млад човек. Јас имам намера да се вратам за некои 6 месеци, но тоа може да се промени‟, признава Иван.
Што да се види на Нов Зеланд?
Бидејќи тоа е држава со многу природни убавини, го прашавме Иван што никако не смееме да пропуштиме, ако макар туристички се најдеме во Нов Зеланд.
„Не смеете ништо да пропуштите! Кога си веќе на толку далечен пат, добро е да се прошета цел Нов Зеланд. За мене секако посебни беа локалитетите на кои е сниман филмот Господар на прстените. Природата сама по себе е прекрасна, без да одиш на некои посебни места. Всушност на секој чекор си опкружен со убавини‟, советува Иван за крај.