Финската компанија „Нокиа“ сака да ја врати својата позиција на пазарот на мобилни телефони, кој планира да го преплави со евтини апарати.
Наводно, некогашната моќна финска компанија се подготвува за конгресот „Мобил Ворлд“ во Барселона, каде ќе претстави повеќе евтини мобилни телефони и смартфони.
„Нокиа“ забележа загуби во шест квартали по ред, пред, конечно, во минатото тримесечие да оствари мал профит.
Компанијата одлучи да капитализира производи кои имаат продажба, откако успеа да влезе на пазарот на смартфони покрај доминантните „Епл“ и „Самсунг“, продавајќи 4,4 милиони „паметни“ телефони „Лумиа“ само во последниот квартал.
„Нокиа“ во Азија веќе нуди повеќе стандардни смартфони во рамки на серијата „Аша“ по цена до 100 долари, со цел да направи „бум“ на пазарите во развој во Кина и Индија.
Финската компанија наскоро ќе понуди и поповолна „Лумиа 620“, која би чинела до 250 долари.