Научниците: Неоправдан страв од ГМО производите

Од:

Ал Џезира Балкан – Сараево

Генетски модифицираната храна во пошироката јавност важи за опасна и нездрава храна, иако за тие тези нема научно основани факти. Професорот Грегор Мајдиќ, еден од најцитираните словенечки експерти за биомедицина, наведе дека според негови сознанија, не постои ниедно кредибилно светско истражување кое би укажало дека во светот се садат генетски модифицирани билки кои би биле опасни за луѓето и животните.

Истражувањата кои се спроведени последните години, од последното во Франција за туморите кај глувците, па пред тоа австриското истражување за неплодноста кај глувците, се покажаа како методолошки неправилни и официјално се повлечени, наведе словенечкиот експерт. Мајдиќ напоменува дека за австриското истражување, Владата на таа земја која го финансираше истражувањето, признала дека резултатите за неплодноста не се точни.
– Во САД и некои други земји, каде генетски модифицирани билки се одгледуваат веќе 20 години, негативните последици до сега би се покажале.
Професор Мајдиќ истакна дека мора да се знае дека и таа храна, пред да дојде на пазарите, детално се проверува, на сличен начин како и лековите кога ќе стигнат во болниците.
– Нема примери за штетност од ГМО. Секако, кружат разни приказни, но јас не сум упатен во ниту еден кредибилен случај кој зборува за штетност на ГМ билки кои денес се во употреба.

Страв и параноја

Една од причините за страв и параноја од ГМО е непознавањето во јавноста за што всушност тука се работи.

Докторка Адалета Дурмиќ-Пашиќ, шефица на Лабораторијата за ГМО и биобезбедност на храната при Институтот за генетски инжинеринг и биотехнологија, објаснува дека ГМО се организми кај кои е наследена основа изменета со помош на техника на генетски инжинеринг, на начин на кој тоа не може да се одвива во природата. Таа додава дека генетски модифицираната храна е произведена од ГМО.

– Значи, во старт мора да се направи разлика меѓу овие два поима.
Професор Мајдиќ потсетува дека примената на генетски инжинеринг за промена на гените веќе некое време работи кај бактериите, што е од голема корист во фармацијата.

– Речиси сите биолошки лекови, како на пример, инсулинот за пациенти со шеќерна болест, се произведени со такви бактерии.

ГМ храната според своите карактеристики не смее битно да се разликува од храната произведена од истите суровини со потекло од конвенционално одгледување, наведе Дурмиќ-Пашиќ.

– Во земјоделието, на самиот почеток, користени се семки какви што се наоѓале во природата, но човекот, многу брзо увидел дека со одбирање на семе многу може да се влијае на квалитетот и квантитетот на приносите. Овој најран пристап го нарекуваме селекција, избор, а потоа следеле и други методи за подобрување на карактеристиките на билките кои денес ги класифицираме како конвенционални (хибридизација, инбридинг, мутациско оплеменување…). Методите на генетски инжинеринг се следен чекор во развојот на методите на оплеменување на растенијата.

Бенефиции од модификацијата

Бенефициите од генетската модификација се исти како и бенефициите за кои постои обид да се постигнат со конвенционални методи, а се однесуваат на квалитетот и кванитетот на приносите, отпорноста на болести, штетници, подобра толеранција на влага, салинитет, хербициди, итн. наведе Дурмиќ-Пашиќ.

– Разликата е во тоа што со методите на генетски инжинеринг тие цели можат да се постигнат значително побрзо.

Наспроти тезите на научниците, многумина се загрижени колку храната произведена од ГМ билки навистина е безбедна. Адна Ахметбеговиќ наведе дека уште во текот на средношколските проекти во медицинското училиште дошла до одредени информации дека ГМО храната не е безбедна и дека поради тоа не ја конзумира.

Нејзината пријателка Лејла Кахвеџиќ исто така се плаши од генетски модифицирано овошје и зеленчук, но сеуште не го проверува потеклото на намирниците кои ги купува на пазарите во Сараево. За сега двете повеќе се потпираат на визуелна проценка дали некое овошје или зеленчук се генетски модифицирани, или се последица на ковенционално одгледување.

Трговецот Рамиз, кој на сараевскиот пазар Маркале продава производи одгледани на неговата фарма во источна Босна, вели дека купувачите ретко прашуваат дали некое овошје или зеленчук се генетски модифицирани. Според неговото искуство, купувачите повеќе купуваат увозни производи, кои сите изгледаат исто. Иако нема докази, смета дека увозното овошје и зеленчук се генетски модифицирани, бидејќи невозможно е секој домат во гајба да изгледа идентично и совршено. Иако купувачите повеќе купуваат увозн, пластично овошје и зеленчук, не размислува да одгледува ГМО билки, бидејќи за тоа е потребна голема инвестиција, што не може да си ја дозволи.

Докторка Дурмиќ-Пашиќ потенцира дека ништо не е 100 отсто безбедно, па ни конзумирањето на ГМО храна.

Проценка на ризикот

– Ако побарате на интернет информации за адитиви во храната, можете да најдете информации за секој поединечен адитив, за кои типови на храна е дозволен, за кои видови на преработка и во кои концентрации е дозволен. До тие параметри се дошло врз основ на проценка на ризикот по здравјето на потрошувачите и е оценето дека ризикот, при дадените пропозиции е минимален. Проценка на ризикот се прави и за ГМО, не за ГМ храна, туку за самите поединечни трансформациски настани.

Кога се во прашање ГМО производи, научниците наведуваат дека политичарите често донесуваат одлули кои се темелат на предрасуди. Поголема група словенечки научници неодамна ја повикаа Владата да го повлече од процедура Законот за забрана на одгледување на ГМ храна, кој според нивна оценка е конзервативен и се темели на предрасуди за штетни влијанија од тие земјоделски производи и храна, на здравјето на луѓето и околината.

Професот Мајдиќ вели дека науката се обидува да ги претстави научните факти на јавноста, но во последните години гледаме дека политиката има многу малку слух за науката.

– Науката во Словенија моментално е слабо ценета, нејзиното мислење не се уважува, но и ние научниците не настапуваме секогаш обединети и тоа е наша грешка – рече Мајдиќ.

Би можело да ве интересира

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска

Природата во градот ја намалува осаменоста

Ана Ололовска

Кафето, алкохолот и месото се штетни за бубрезите

Ана Ололовска

Откриен досега непознат дел од човековата вилица

Ана Ололовска