Познатата актерка од Русија Наталија Бондарчук попладнево оствари средба со битолскиот градоначалник Владимир Талески, а вечерва ќе ја отвори манифестацијата циклус филмови на Андреј Тарковски реализирана со помош на Рускиот културно-нформативен центар во Софија, Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, Филмскиот фонд на Македонија и НУ Центар за култура – Битола.
Ќерката на оскаровецот, режисерот Сергеј Бондарчук, познатата ѕвезда од култниот филм „Соларис“, Бондарчук на средбата со Талески искажа желба за понатамошна соработка и снимање филм во Битола.
– Во моментов го снимам филмот „Тајната на снежната кралица“, но кога го погледнав овој прекрасен град сфатив дека сакам пеш да се прошетам низ градот, да ги видам убавините и зградите, а кога го видов градоначалникот Владимир Талески добив желба да снимам филм со него, истакна актерката Бондарчук.
Наталија Бондарчук прв пат доаѓа во Македонија и совршено го разбира македонскиот јазик. Вечерва во НУ Центар за култура-Битола ќе присуствува на манифестацијата циклус на филмови на Андреј Тарковски и првата проекција односно филмот „Соларис“ каде ја игра во насловна улога.
– Изненаден сум што Бондарчик многу знае за нашиот град, за нашата култура, за нашиот фестивал, за првата камера, истакна градоначалникот Владимир Талески, кој воедно на актерката од Русија и подари икона со заштитникот на градот Св. Нектариј Битолски.
Во филмскиот циклус ќе бидат прикажани и „Сталкер“ (1979), „Андреј Рубљов“ (1966), „Ивановото детство“ (1962), „Огледало“ (1974) и документарен филм за снимањето на „Соларис“. Ќе биде промовирана и книга „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ од Атанас Чупоски, издание на Кинотеката.
Наталија Бондарчук (1950) дипломирала на катедрата за филм во Москва, а дебитирала во 1970 година во филмот „Езеро“. Светска слава добила во 1972 година со улогата на Хари во култниот научно-фантастичен филм „Соларис“. Како режисер и сценарист Бондарчук дебитирала во 1975 со филмот „Несреќната мајка“.