На хуманитарниот концерт „Да се обединиме во хуманоста“, кој се организираше за помош на настраданите во поплавите во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, се продадени 10.367 карти од што се собрани средства во висина од 1.550.050 денари.
Од почетокот на хуманитарната акција и отворањето на телефонските линии граѓаните собрале 12.107.980 денари. За време на хуманитарниот концерт од телефонски јавувања се собрани 547.300 илјади преку реализирани 5.473 повици. Од одигрувањето на претставите низ театрите се собрани дополнителни 233.787 денари. На сметката на Црвениот крст се уплатени 3.700.000 денари, а Црвениот крст ќе излезе со најнова информација во текот на денот.
На концертот присуствуваа видни музички имиња и настапија познати уметници и артисти. Тамара Тодевска, Калиопи, Каролина Гочева, Тијана Дапчевиќ, Миле Кузмановски, Ефто Пупиновски, Виолета Томовска… беа дел од учесниците на големиот хуманитарен концерт. Меѓу присутните на концертот беше и премиерот Никола Груевски, додека членови на Владата меѓу кои министрите Елизабета Канческа Милевска, Владимир Пешевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Иво Ивановски, Спиро Ристовски, Никола Поповски беа дел од оние кои ги примаа повиците за донација.
Од Владата на Република Македонија вчера информираа дека е донесена одлука да се испрати финансиска помош од 100.000 евра за Хрватска. Македонската Влада претходно финансиски им излезе во пресрет и на Република Србија и на Босна и Херцеговина, со помош од по 100.000 евра.