Во организација на општина Карпош и Секторот за економски развој при Општината, по 12-ти пат, се одржа големата манифестација „Ем умеам, ем можам“. Овогодинешното издание на музичкиот и продажен хепенинг, официјално ги отвори Деновите на Општината. Освен богатата музичка програма, на околу 30-на продажни штандови беа изложени производи на малите и средните претпријатија. Вчеравечер, платото пред трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ беше преполн со љубителите на добрата музика и вистинското дружење.
Атракција на традиционалната манифестација беше српската група „Фрајле“ која ја сочинуваат четири извонредни музички таленти. Тие, со својот двочасовен настап, направија вистинско музичко шоу и на оригинален начин го заокружија завршетокот на 12-то издание на „Ем умеам, ем можам“. По својот настап, “фрајлици“, по барање на многубројната публика, се вратија на бис.
Со своите хитови, „Фина“, „Их либе дих“, „Штиклице“, „Љубав“, Вештице“ и многу други, својот музички настап го збогатија и со домашни и странски евергрини за вистинските сладокусци на џалгиските звуци. Претседателот на Комисијата за јавни дејности при Советот на општина Карпош, Зоран Поповски, топло ги поздрави присутните и се заблагодари на бизнис-учесниците во овогодинешната манифестација.
-Ова не е само музичка манифестација, ова пред се е најголема саемско продажна манифестација. Културните настани ги обединуваат луѓето, а овој традиционален хепенинг им овозможува на граѓаните целодневно другарување и посета на големиот избор на продажните штандови на малите и големите претпријатија. Сигурен сум дека вечерашниот настап на Ново садската група „Фрајле“, нема да ви дозволи да го напуштите платото на најголемиот трговски центар, пред да заврши нивниот настап. – рече Поповски им им порача на присутните да уживаат во ваквите културно-уметнички манифестации што почесто.
Целодневната забава помина во знакот на музиката и современата мода. Музички настапи остварија Антонио Бенд и Анѓелина, кој со својот ангелски глас, талентираната надеж ги засени поминувачите во овој дел од општина Карпош. Потоа, својот музички настап на Илија Кикиритков и Бенд, заврши со громогласни аплаузи и свиркања, и во иста насока продолжи и Бубе Најдановска која се претстави со домашни и странски музички хитови. За забавата да биде што побогата со различен стил на музика, Дј Васе и Дј Ли, ги размрдаа карпошани со својот хип-хоп музички сет. За различноста да биде на високо ниво, свој настап имаа и непобедливите уметници од културно уметничкото друштво „Мирче Ацев“, кој својот едночасовен настап го збогатија на вистински и уникатен начин. Модното студио „Црнокрак“, секогаш плени со своите модни ревии, па така и овој пат тие не разочараа. На големата сцена продефилираа најмладите таленти во рамките на детската модна ревија а подоцна со своите модни дизајни, се претстави перспективната и млада дизајнерка Евгенија Зафировска. По големите модни настапи во Љубљана, Марибор, Копар, Блед и многу други, жителите на општина Карпош и сите присутни имаа можност да ја погледнат колекцијата која беше инспирирана од традиционалната македонска народна носија.
Општина Карпош продолжува со манифестации од ваков тип, со цел зближување и дружење на жителите од Општината и афирмација на културата со која Република Македонија може да се пофали.