Британскиот совет организираше регионална конференција во Белград за дигитална трансформација на образовниот систем на Западниот Балкан, на која претставниците на министерствата за образование од регионот ги усогласиле препораките за дигиталната трансформација на образовниот систем како дел од стратегијата за унапредување на образованието на Западниот Балкан во идниот период.
– Македонија успешно почна со реализација на проектот „Училишта за 21 век” со воведување на микробит – џебен компјутер во наставата, кој се користи за учење, програмирање и кодирање од најраната возраст. Првите сериозни чекори за дигитализација на наставата во Македонија се онлајн-курсевите кои наставниците забрзано ги посетуваат, со цел да се надмине дигиталниот јаз меѓу нив и нивните ученици, изјави Гордана Јанакиевска од Образовен институт-Скопје која учествуваше на конференцијата.
Заклучоците за надминување на дигиталниот јаз во образовниот систем во регионот ќе бидат претставени на 10 јули на Самитот за Западен Балкан во Лондон, во рамките на Берлинскиот процес, со цел да ја подобри соработката меѓу земјите од Западен Балкан и подобра подготовка за полноправно членство во ЕУ.
– Европската комисија проценува дека во блиска иднина 90 проценти од работите ќе бараат дигитални вештини, а во моментов 47 проценти од населението на Европската Унија нема соодветни знаења во оваа област. Статистиката е уште полоша во земјите од регионот. Дигитализацијата на образовниот систем подразбира воведување дигитални вештини со алгоритамско размислување и кодирање, развој на дигитални вештини на наставниот кадар, обезбедување пристап до образовните ресурси за дигиталните вештини, развивање програми за континуиран професионален развој на предавачи, ангажирање работодавачи во врска со образовниот систем…, посочува Јанакиевска.
Стратешкиот пристап кон развојот на дигиталните вештини на младите луѓе може да го поддржи развојот на производите и услугите кои ѝ се неопходни на економијата, да обезбеди можност за вработување, да го намали одливот на мозоци…
Клер Сирс од Британскиот совет, кој донираше микробит уреди во 60 училишта на Западниот Балкан како дел од пилот-проекот, наведува дека Велика Британија пред само неколку години открила лоша дигитална писменост кај поголем дел од населението и во 2016 година во наставата на сите основни училишта го воведе џебниот компјутер Микробит кој се користи за многу предмети во училиштата, им помага на наставниците да им пристапат на децата на современ начин и да станат поактивни. Според Сирс, за само две години употреба на овој уред во училиштата постигнати се одлични резултати во дигиталната писменост.
Во моментов се подготвува воведување на овој џебен компјутер во уште 90 основни училишта во регионот, а долгорочна мисија на Британскиот совет е џебниот компјутер да се вклучи во сите училишта на Западниот Балкан.