Зградите на музеите по правилo се замислени за да обезбедат максимална функционалност – како неутрален контејнер за уметнички дела – или како стуктури кои се симбол на стилот на архитектурата од периодот на нивната градба.
Токму музејот „Сумаја“ во Мексико Сити, изграден во 2011 година, претставува симбиоза на овие две замисли.
Тој е единствен и современ скулптурален објект, во кој се сместени колекции на слики, скулптури и украсни предмети, кои датираат од 14 век, па се до денес.
Надворешноста на зградата претставува аморфна структура која има различен изглед во зависност од тоа од која страна се гледа на музејот. Објектот е со карактериситчна фасада изработена од шестоаголни алуминиумски плочки, кои го олеснуваат неговото одржување.
Зградата има основна конструкција од челични столбови со различен дијаметар и со сопствена геометрија и форма, што овозможува нелинеарни патеки за движење на посетителите.
Музејот е со површина од 20.000 метри квадратни и во него има изложбени простории на пет ката, повеќенаменски хол, кафитерија, продавница и канцеларии.