Марсеј и Кошице – престолнини на европската култура во 2013

Од:

Марсеј и Кошице ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ во 2013 година. Кошице е прв град во Словачка што ќе биде европски центар на културата, а Марсеј е четврти француски град што ќе го носи тој епитет, по Париз во 1989, Авињон во 2000 и Лил во 2004 година.

Провансалскиот град-пристаниште на Азурниот Брег – Марсеј подготви амбициозна програма, со цел да ги спои класичната уметност и популарната култура, со 80-ина проекти – шоуа, изложби, дебати, перформанси, работилници.  Поради својата местоположба и минато на град-засолниште на доселеници, Марсеј ја фокусира програмата на дијалог меѓу Европа и медитеранските брегови на Африка и Блискиот Исток, со отворање деликатни  прашања, како миграција, расизам, родови односи и судири меѓу културите и религиите.

Кошице, пак, како крстосница на Истокот и Западот во карпатскиот регион, со австроунгарска историја и постсоцијалистичка  реалност, ќе биде центар на креативноста и ќе понуди програма што ќе го одрази спојот на старото и новото. Кошице е блиску до источната, словачко-украинска  граница, која е и граница на шенген-зоната, и затоа програмата има содржини кои ја нагласуваат неговата позиција, како метафора на порта кон Источна Европа.

Марсеј и Кошице ја преземаат титулата од португалскиот Гимараиш и словенечкиот Марибор  кои во 2012  година  го славеа европското културно наследство.

Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на овој проект. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството за заедништво во ЕУ, но на лауреатот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјите можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година. За изборот решава независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката се донесува четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на ЕУ.

Во 2014 престолнини на европската култура ќе бидат шведскиот град Умеа и главниот град на Летонија – Рига, во 2015 – Монс (Белгија) и Плзен (Чешка), во 2016  – Сан Себастијан (Шпанија) и Вроцлав (Полска), во 2017 – Орхус (Данска) и Пафос (Кипар).

Би можело да ве интересира

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он