Поранешната руска тенисерка Марија Шарапова, во соработка со канадската компанија „Роув консептс“, ја подготви и претстави својата прва колекција мебел. Во нејзиниот прв дизајнерски потфат, тениската ѕвезда и љубителка на уметноста и архитектурата, се водеше од изразот „помалку значи повеќе“. Нејзината колекција содржи елегантни облици, рафинирани детали, неутрални бои, со нагласка на разновидноста и функционалноста.
– Сакав да се осигурам дека сите овие парчиња мебел ќе наликуваат на „продолжение на животот на луѓето“ – делови што ги надополнуваат нештата со кои веќе живеат, изјави Шарапова за списанието „Аркитекчурал дајџест“.
Поранешната тенисерка ги усовршила дизајнерските вештини додека патувала низ светот, како и при уредување на сопствениот нов дом во Лос Анџелес, САД.
– Ми беше важно колекцијата да изгледа убаво денес, но и за пет или десет години, вели таа.
Првичната понуда вклучува комбинација на мултифункционални работи – длабок тросед, тапацирана клупа, ткаенини во маслинова боја, странични маси, минималистичка ламба и еднобоен тепих.
– Тие се доволно разновидни, па им овозможуваат на луѓето да прават свои комбинации, заклучи дизајнерката.