На планината Сиера Мадре во близина на мексиканскиот град Тапалпа е изградена мала викенд куќа со современа естетика, која одскокнува од рустикалните градби во нејзиното опкружување.
Куќата, наречена „Каза Ро Тапалпа“, има современи архитектонски линии, но избраните материјали за нејзината изградба придонесуваат таа да биде во складен спој со околината. Тоа во голема мерка се должи на камените ѕидови и употребеното дрво со интересна структура.
Во викендицата има јасна поделба меѓу зоните за дневен престој и за одмор. Дневната соба е со ѕидови обложени со штици со темна боја, додека во кујната има дрвена ламперија со посветли нијанси.
Топлата и пријатна естетика на ентериерот е пренесена и на просторот за дневен престој на тремот, кој од внатрешната дневна соба е одвоен со стаклен ѕид.
Спалните соби се уредени во минималиситчки стил, што во центарот на вниманието ги истакнува деталите. На прозорците има дрвени капаци, кои се карактеристични за руралните куќи во Мексико.
Иако куќата има елегантна и совремна естетика, нејзиниот екстериер има текстури прилагодени на околината. Фасадата е изработена од локален камен, кој е одлично вклопен со текстури од дрво.