Изложба насловена „Помеѓу” на дизајн производи произведени од страна на шестмина млади македонски брендови во период 2016 – 2017 година ќе биде поставена од утре до 28 мај на меѓународниот фестивал „Миксер“ во Белград.
Македонските дизајн брендови, We and Nature, Rinocca, Преплет студио, Кире Стојоски, Марија Рашковиќ и Евгенија Зафировска, застапувани од страна на дизајн центарот „Јавна соба“ ќе се претстават на пет регионални дизајн фестивали и саеми во период мај – ноември годинава, а Белград е традиционално прва наша дестинација.
Македонскиот дизајн на производ е редовно застапен на меѓународната сцена преку патувачки изложби организирани од страна на дизајн центарот „Јавна соба“. Оваа соработка иницирана од страна на два клучни регионални актери („Јавна соба“ и „Мисер“) датира од пред осум години. Дизајн организациите го насочуваат своето работење кон подигнување на нивото на соработка во регионот и на тој начин го афирмираат националниот во рамки на балканскиот дизајн како препознатлив бренд во пошироки рамки.
Регионалната размена е од исклучително значење за национален и индивидуален развој на дизајн секторот во самите земји. Докажано е дека регионалната размена стимулира зголемување на продуктивност кај дизaјнерите, но и го подигнува нивото на свест кај публика и креира здрав и свесен конзумеристички пристап кон дизајн производите, кое е многу значајно за опстојување на локалните брендови. Клучниот момент за оваа размена во Македонија е фестивалот Skopje Design Week, кој ова година ќе се реализира од 22 до 25 ноември. Земја во фокус годинава е Унгарија.