Корисноста од таблетата против акни „диане-35“, која често се употребува и како контрацептивно средство, е поголема од ризикот од создавање тромб во вените, објави денеска Европската медицинска агенција (ЕМА).
Врз основа на барањето од Франција, агенцијата ја проучи нештетноста на овој лек и заклучи дека ризикот од создавање тромб поради негова употреба е „мал“.
ЕМА, сепак, нагласува дека „диане-35“ и нејзината генеричка верзија треба да се користи само кога се покажале како неуспешни сите алтернативни третмани за лекување на средниот и тешкиот облик на акни, како и дека треба да се преземат мерки за најмал можен ризик од згрутчување на крвта.
Исто така, имајќи предвид дека станува збор за хормонско контрацептивно средство, „диане-35“ не треба да се користи во комбинација со некој друг хормонски контрацепт.
„Диане-35“ го произведува германскиот фармацевтски гигант „Баер“. Овој лек е во употреба во повеќе од 100 земји ширум светот и го користат милиони жени.