Финалистите на музичко шоу „Икс Фактор“ вечерва ќе одржат концерт пред македонската публика во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Почетокот на концертот е закажан за 21 часот, а влезот за посетителите ќе биде отворен во 20 часот.
Големиот концерт ќе го отвори победникот на „Икс Фактор“, Даниел Кајмакоски и тоа, како што велат организаторите, ќе биде одлична прилика заедно да покажеме дека успешната кариера на нашиот победник ќе започне токму од Скопје и со безрезервната поддршка од македонската публика.
– На концертот во Скопје, голема чест е за мене што како домаќин ќе можам да ги угостам сите овие талентирани млади луѓе. Ние бевме и во Босна, во Бања Лука и атмосферата секаде беше одлична, но сигурен сум и убеден дека во Скопје ќе биде феноменално, изјави Даниел Кајмакоски.
Покрај Даниел Кајмакоски, изведувачите кои ќе ги видиме на големиот концерт во Скопје се артистите кои се пласираа меѓу 12-те финалисти на „Икс Фактор Адриа“, Младен Лукиќ, Маид Хеќимовиќ, Илма Карахмет, Тамара Милановиќ, Алекса Перовиќ, Харис Чато, Лукијан Ивановиќ, дуото „Х20“ сочинето од Фифи и Маринела, како и бендовите „Доктори“ и „4Ју“.
Освен што е планирано тие да настапат со своите изведби од емисиите во живо на „Х Фактор“, дел од нив ќе ги презентираат и своите нови песни и преработки.
– Настапуваме сите заедно што ни е особено драго и имаме пријатни изненадувања за сите наши фанови кои прв пат ќе имаат прилика да го видат и искусат концертното доживување кое го приредува „Икс Фактор“. Ги покануваме сите на ова музичко дружење во арената „Борис Трајковски“ и сигурни сме дека сите заедно одлично ќе се забавуваме, порачуваат финалистите.