Концерт на Благој Нацоски во чест на 21-годишнината од независноста на Македонија

Од:

„Орелски крилја как да си метнех…“ е концертот што вечер македонскиот тенор Благој Нацоски ќе го одржи во катедралата Санти Апостоли во Рим. Ќе бидат изведени дела од македонските композитори Живко Фирфов, Трајко Прокопиев, Благој Цанев, Сотир Голабовски, Александар Џамбазов, Томислав Зогравски, Дарија Андоновска и Димитрије Бужаровски. Нацоски на пијано ќе биде придружуван од маестро Алесандро Д’ Агостини од Италија.

– Концертот во Рим ќе биде посветен исклучиво на наши композитори, а делата кои ги избрав, освен од музичка гледна точка претставуваат и врвни дела од најпознатите македонски поети – Кочо Рацин, Константин Миладинов, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов.. Текстовите на делата се погрижив во програмата да бидат преведeни на италијански јазик, се вели во писмената изјава на Нацоски.

За Нацоски ова е трет концерт на кој изведува дела од македонски композитори.

– Првиот пат се работеше за еден хорски ансамбл од Рим, кој настапи на еден концерт заедно со мене во Ватикан, и кој по моја желба изведе хорски композиции од Трајко Прокопиев и Тодор Скаловски. Особено ме радуваше фактот што тој хор, македонските композиции продолжи да ги изведува и понатаму на други нивни настапи, секогаш потенцирајќи го фактот дека се работи за македонско творештво, потенцира Нацоски.

Македонија како мала земја, која нема музичко творештво долго петстотини години, се наведува во писмената изјава, не е лесно да се пробие на тој план во светот.

– Затоа мислам дека ние, уметниците кои настапуваме на светските сцени можеме да помогнеме македонските композитори да заземат место во светската музичка литература. Она што јас се трудам е и моите странски колеги да почнат да изведуваат наши дела, нагласува Нацоски.

Концертот во Рим е организиран со финансиска поддршка од македонското Министерство за култура и е еден од проектите кои се од национален интерес за културата на Македонија во 2012 година.

Амбасадорот за култура на Република Македонија во Италија, потоа го очекуваат уште два концерта во Бари на 22 и 23 ноември. Се работи за Реквием од Моцарт кој ќе биде изведен на фестивалот „Апулиа Мјузик Интернешнл Фестивал“, под диригентската палка на Вито Клементе со Оркестарот и Хорот „Томазо Траета“.

На 12 ноември излезе во продажба ЦД-то за операта „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно, која македонскиот тенор прв пат ја изведе годинава во февруари, заедно со славниот Андреа Бочели. Ова е прво ЦД на Нацоски за дискографската куќа „ДЕКА“, а вкупно петто дискографско издание во неговата кариера.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје