Кампања „Напред розово“ во сабота во Градски парк

Од:

Кампањата за борба против ракот на дојка „Напред розово 2014 – чекори против ракот на дојка“ по шести пат ќе се одржи на 17 мај во Градскиот парк кај Школка. Целта на настанот е подигнување на свеста кај населението за ракот на дојката како потенцијално излечлива болест, како и помош и поддршка на жени со такво заболување.

Според податоците на Меѓународната агенција за истражување на ракот „ГЛОБОКАН“, во 2012 година во Македонија се регистрирани 1.152 новозаболени од рак на дојка, од кои околу 400 починале.

Кампањата Напред розово 2014 ја организира Здружението Борка – За секој нов ден во соработка со Американската амбасада.

Претседателот на „Борка“, Биба Додева денеска на прес-конференција рече дека ракот на дојката е најчестото малигно заболување кај жените. Посочи дека жени поддржувачи и членки на Здружението од другите градови организирано ќе дојдат во Скопје и ќе учествуваат во Розовата прошетка. Таа рече дека изготвен е видео спот за кампањата кој е снимен во Драчево и првпат во Македонија во него се само жени кои го победиле ракот.

Освен Розовата прошетка, истиот ден ќе се одржи и Розовото возење со велосипеди кое е во соработка со неформалната група „На Точак“ која го популаризира урбаното возењето на велосипеди, рекреацијата и здравиот живот. Велосипедистите ќе извозат рута во должина од пет километри низ центарот на градот, а потоа ќе се приклучат кон Розовата прошетка.

Мери Џо Волерс, сопругата на американскиот амбасадор рече дека уште од самиот почеток ја поддржуваат кампањата. Таа ги пренесе искуствата од САД каде превентивните прегледи помогнале да се намали бројот на смртни случаи од рак на дојка.

Партнер во активностите на „Борка“, е Клиничката болница Аџибадем Систина. Дева Петрова, радиотерапевт, онколог во болницата рече дека навременото откривање на малигните болести е клучно за нивно успешно лекување и излекување. Посочи дека се обидуваат да бидат во чекор во најновите достигнувања и на болните со малигни болести да им пружат врвна здравствена заштита.

– Како дел од современата дијагностичка процедура во раното откривање кај малигните болести и следењето на одговорот на терапијата кај тие болести, е отворањето на новиот ПЕТ центар, а со отворањето на Одделот за онкологија и радиотерапија се заокружи целокупната грижа за пациентите со малигни заболувања, рече Петрова.

Додаде дека соработката со „Борка“ е значајна и преку организирање средби со пациенти, тие можат надвор од болничките амбулатни да бидат во контакт со пациентите.

Здружението „Борка“ отвори веб страна посветена на кампањата Напред розово 14, која е поставена на линкотhttp://napredrozovo.borka.org.mk/.

Би можело да ве интересира

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска

Природата во градот ја намалува осаменоста

Ана Ололовска

Кафето, алкохолот и месото се штетни за бубрезите

Ана Ололовска

Откриен досега непознат дел од човековата вилица

Ана Ололовска